Велосипедски сообраќајни правила

Вовед:

  • Безбедноста на велосипедистите во сообраќајот е поделена и заедничка одогворност на сите учесници во сообраќајот, но пред се, тоа е одговорност на велосипедистите како ранлива категорја учесници во сообраќајот. 
  • Со оваа активност Ве потсетуваме на најважните сообраќајни правила што велосипедистите треба да ги знаат и што треба секојдневно да ги применуваат.

Цели:

  • Учење на основните сообраќајни правила што секој велосипедист треба секојдневно да ги применува

Методи и стратегии:

  • Аудитивен метод на учење

Форми на работа:

  • Индивидуален
  • Групна форма на работа

Вид на активноста:

  • Со оваа активност учениците ќе се запознаат или повторно соочат со основните сообраќајни правила за секој велосипедист. Нивното меморирање е од круцијална важност за одржување на безбедноста во сообраќајот.

Како се спроведува вежбата:

  • Секој ученик може да добие испечатен примерок од  велосипедските сообраќајни правила, или пак наставничката/кот може на глас да ги прочита пред целото одделение и да развие дискусија за секое правило поединечно со цел соодветно разјаснување.

Потребни материјали:

  • Испечатен примерок за секој ученик од велосипедските сообраќајни правила

Очекувани резултати:

  • Учење/меморирање/соодветно секојдневно практикување на велосипедските сообраќајни правила

Времетраење на вежбата:  25 минути

Ве молиме пополнете ја следната табела со цел подобрување на активностите во иднина и споделете ги со нас вашите одговори на: veloschools.ecologic@gmail.com 

Што ми се допадна од оваа активност?Што не ми се допадна од оваа активност?Што би промениле?

Велосипедски сообраќајни правила

  • „Велосипедски премин“ е обележан дел долж коловоозот со пропишан сообраќаен знак, наменет за премин на велосипеди преку коловозот. Преминувањето со велосипед преку пешачки премин може да се прави исклучиво доколку се турка велосипедот.
  • Возачот на велосипед кој се вклучува во сообраќајот од гаража, двор или друга слична површина, ако видикот му е закриен со друго возило, објект или предмет или ако видливоста му е намалена, должен е да го турка велосипед.
  • Максимално дозволена брзина за велосипедите кога се движат по велосипедска патека или лента е 25 km/h.
  • На велосипедот задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна, како и катадиоптер со црвена боја или рефлектирачка лента на задната страна, и по еден катадиоптер со жолта или портокалова боја на секоја страна.
  • Возачот на велосипед е должен да се движи што поблиску до десниот раб на коловозот, а ако постои велосипедска патека-по велосипедската патека, односно лента.
  • Ако двајца или повеќе возачи на велосипед се движат во група, должни се да се движат еден по друг.
  • Ако на патот постои посебно уредена велосипедска патека, возачот на велосипед се движи по десната велосипедска патека во однос на правецот на движење на сообраќајот. На велосипедски патеки уредени и обележани за сообраќај на велосипеди во двете насоки, велосипедите се движат по десната страна на правецот на движењето.
  • Возачот на велосипед е должен да управува со возилото на начин на кој несе намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото, ил ида ги загрозува другите учесници во сообраќајот.
  • Возачот на велосипед може да превезува други лица, само ако на велосипедот постојат посебни седишта.  Деца до 14 годишна возраст не смеат на велосипед да превезуваат други лица.
  • На велосипед, како и во приколка што ја влече велосипед, не смеат да се превезуваат предмети пошироки од еден метар.
  • Возачот на велосипед, додека управува со велосипедот, не смее да води животни.
  • На магистрален и на регионален пат не смее да се врши оспособување на лица за управување со велосипед.
  • По автопат, експресен пат и на пат резервиран за сообраќај на моторни возила, не смеат да се движат велосипеди.
  • На велосипед смее да се превезува дете до осумгодишна возраст, ако на велосипедот се вградени едно или повеќе посебни седишта пред или зад возачот.
  • Велосипед на пат може да управува лице кое наполнило десет години.
  • Во зона на смирен сообраќај, велосипед може да управува лице до десет години, во придружба на лице постаро од 16 години.
  • Полициски службеник ќе му забрани на лице да управува со велосипед на јавен пат, ако е очигледно дека лицето не е подготвено за тоа.

*Превземено од РСБСП-Републички совет за безбедност во сообраќајот на патиштата

И покрај тоа што според Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата не е задолжително и не се предвидени посебни санкции, сепак заради заштита, пред се на велосипедистите „Вело Училишта“, поддржува и посебно укажува и апелира да се почитува следново:

  • Возачот и лицата кои се превезуваат со велосипед треба да носат заштитен шлем на главата за време на возењето.
  • Возачот и лицат кои се превезуваат со велосипед во вечерни услови и во услови на намалена видливост треба да носат рефлектирачки елек за време на возењето.

Автор Velo Schools

Безбедност на децата во сообраќајот

Основни информации-важни за безбедноста на децата во сообраќајот Вовед: Учебната година е во тек и децата секојдневно се активни учесници во сообраќајот. Да внимаваме на нив. Обврска е на секој родител и возрасен придружник да ги превземе сите неопходни мерки за безбедноста на децата како учесници во сообраќајот. Цели: Учење на основните информации за безбедноста […]

Прочитај повеќе