Утре официјално го започнуваме Erasmus+ проектот „Trails of Change“со првиот Kick-off состанок, кој се одржува во Финска. Овој состанок го означува почетокот на една две и пол годишна соработка со проектни партнери од повеќе европски земји, обединети околу заедничка визија – одржливо, инклузивно и активно користење на просторот на отворено.
Во наредниот период, проектот ќе се фокусира на поврзување на природата, движењето и луѓето преку активности како планински велосипедизам, планинарење и планинско трчање. Овие активности не се само спорт, туку и моќна алатка за подигнување на еколошката свест, поттикнување на инклузијата и промоција на активна мобилност кај различни целни групи.
Kick-off состанокот во Хелсинки претставува можност за запознавање на партнерите, усогласување на проектните цели и активности, како и размена на искуства и добри практики. Во текот на двата работни дена, фокусот ќе биде ставен на градење силна меѓународна соработка и поставување цврсти темели за успешна имплементација на проектот.
Вело Училишта, како дел од овој проект, ќе придонесе со своето искуство во едукација, безбедно и одговорно користење на велосипедот и промоција на активни и одржливи начини на движење. Преку „Trails of Change“, целта е да се создадат нови пристапи и алатки кои ќе го направат движењето на отворено подостапно и попривлечно за сите.
Ова е само почетокот на една долгорочна приказна која носи нови идеи, партнерства и можности за позитивни промени. Во наредниот период ќе споделуваме новости и резултати од проектот, со надеж дека ќе инспирираме уште повеќе луѓе да се движат активно и одговорно во природа.



