- Период на одржување: 09.09-11.09.2020
- Локација: Одмаралиште Михајлово/Кавадарци
- Присутни: ЈУ Детски Дом 11 Октомври
- Организатор: Здружение на Граѓани Еко Логик
- Едукатори: Тимот на Еко Логик+едукатори од ХОПС
За прв пат во Македонија, изминатата година од страна на Здружението на Граѓани Еко Логик беше организиран Вело Камп во одмаралиштето Михајлово кое се наоѓа на планината Кожуф, оддалечено 38 километри од Кавадарци.
Децата од ЈУ Детски Дом 11 Октомври како учесници на овој вело камп беа групирани во три возрасни категори и земаа учество на голем број активности кои ги обработуваа темите за велосипедизам и безбедност во сообраќајот.
Активностите кои беа реализирани се однесуваа на:
- Запознавање и учење на основните информации за велосипедот,
- Деловите од кои е составен еден велосипед,
- Едукативна игра „Вело Меморија“
- Видови на велосипед
- Рачни сигнали кои е потребно да се употребуваат додека се практикува велосипедот,
- Правилно местење на заштитна кацига
- Едукативна игра „Кој сака да биде велосипедист?“
- Учење и совладување на вештините како баланс, контрола, тргнување, запирање ,
- М-проверка на велосипедот
- Лепење на гума
- Учење на возење на велосипед со најмалата возрасна група на деца
- Полигонско возење
- Возење на велосипед во околина
Трите дена поминаа во навистина интересно дружење и децата ни покажаа дека се желни да научат нови работи и да ги унапредат своите вештини за возење велосипед. Учењето преку игра е навистина креативен и продуктивен процес за нив, преку кој ги добиваа основните информации за велосипедот како превозно средство, како и за безбедноста во сообраќајот. Додека практичното возење, и за прв пат добиеното искуство на специјално подготвен полигон со многу предизвикувачки и интересни препреки, беше посебно доживување, како за децата така за нас возрасните. Вечерните часови секако ни беа резервирани за заедничка релаксирана дружба, со многу музика, песна, смеа и радост. Логорскиот оган и заедничкото подготвување на храна беа само дел од моментите кои не зближуваа.
Детската неуморност, нивната упорност во совладување на секој нов предизвик, како и постојаната желба да возат велосипед е тоа што не мотивира нас, тимот на Вело Училишта безрезервно да продолжи со својата мисија- „Безбедно со велосипед од/до училиште!“
Си заминавме од прекрасната природа на планината Кожуф, преполни со позитивни впечатоци, емоции, искуства, знаење и радост. Со огромна желба до следната година да се сретнеме повторно, секој на својот велосипед со нови сили и знаења.
Вело Поздрав!