Во рамки на програмата Вело Училишта, и оваа учебна година продолжуваме да ги одбележуваме најактивните, најкреативните и најпосветените училишта. Училиштата кои преку активен транспорт, безбедно учество во сообраќајот и развивање здрави навики кај учениците придонесуваат кон подобро, поздраво и поодржливо општество.
Месец октомври ни покажа колку вело-енергија постои во училиштата низ цела Македонија. Наставници и ученици заедно создадоа активности што инспирираат, мотивираат и го менуваат начинот на кој младите се движат – кон училиште и во секојдневниот живот.
Што се реализираше во октомври?
Училиштата организираа разнолики активности, како:
- Предизвик за пешачење и возење велосипед до училиште – со цел развивање одговорност и одржливи навики кај учениците.
- Креирање „катче за велосипедизам“ – простор исполнет со едукативни постери, правила за безбедност, вело-инспирации и креативни материјали.
- Ученички вело блог приказни – лични раскажувачки и мултимедијални прикази кои го оживуваат ученичкиот глас за велосипедизмот.
Активностите беа оценувани според јасно утврдени критериуми: оригиналност, број и квалитет на активности, степен на вклученост, промоција, креативност, иновативност и квалитет.
Најактивни училипта во месец октомври
Со гордост ги објавуваме училиштата што се истакнаа со својата посветеност и креативност:
- ООУ „Даме Груев“ – с. Ерџелија
- ООУ „Рајко Жинзифов“ – Долно Оризари, Велес
- ООУ „Његош“ – Јурумлери, Скопје
Посебна награда за најкреативна ново-креирана активност
ООУ „Кочо Рацин“ – Блатец, со ПУ Липец и ПУ Лаки
Овие училишта покажаа дека велосипедизмот не е само превоз – туку заедничка вредност, училишна култура и начин на учење низ практични и креативни активности. Со нивниот пример, тие инспирираат други училишта да се приклучат и да го развиваат интересот кај учениците за активен транспорт и безбедно учество во сообраќајот.
Следни чекори и нови активности
Вело Училишта ве поканува да продолжите да учествувате во програмата и да креирате свои активности кои го промовираат велосипедизмот и одржливиот начин на живеење. Следете нè за нови предизвици, едукативни материјали и идеи што можат да ги воведете во вашето училиште.
Поддршка и партнерство
Вело Училишта ја спроведува својата годишна програма со поддршка од АМСМ – партнер кој верува во безбедни улици и одговорни млади велосипедисти. Заедно работиме на создавање средина каде што секое училиште може да се развива и да ги поттикнува учениците кон здрави и одржливи навики.
