Настан: Вело Родео
Каде: Градски парк, околу игралиштето, Демир Капија
Кога: 18.09.2020
Учесници: Ученици од основните училишта, родители, наставници+сите вљубеници во велосипедизмот
ООУ „Димче Ангелов Габерот“ од Општина Демир Капија е наша долгогодишна вело членка, во рамки на програмата Вело Училишта. Меѓусебната соработка е одлична и спроведувањето на вело активностите се одвиваат непречено во текот на учебната година. За прв пат оваа година, од страна на Здружението на Граѓани Еко Логик, се организираше препознатливиот настан Вело Родео во рамки на Европската недела на мобилност. Вело Родео е настан кој се препознава по постојаните насмевки на децата и младите кои учествуваат, и нивната енергија со која неуморно го практикуваат специјално подготвениот полигон. Детската неуморност, ентузијазам, желба за возење на велосипед, како и желба за учење на нови нешта е тоа вистинското чувство што не мотивира за организирање на настани од ваков вид. Специјално подготвениот полигон им овозможува на сите учесници од најмала возраст, па се до оние поголемите, да ги практикуваат своите вештини, но и истите да ги унапредат, како и да се запознаат со потребните сообраќајни знаци, со цел безбедно возење на својот велосипед.
Додека едукативните игри, кои исто така ја обработуваат темата за велосипедизам, ја поттикнуваат нивната љубопитност, интерес, и желба за учење на нови нешта на еден поинаков и забавен начин. Оваа година Вело Родео настанот е препознатлив и по својата патувачка изложба, на која се поставени пристигнатите цртежи од минатогодишниот ликовен и литературен конкурс, кој се одржа во рамки на Вело Родео турнејата, како и ликовната работилница на која сите учесници имаат можност да ја изразат својата креативност и имагинативност.
Како поминавме на Вело Родео во Демир Капија?
Незаборавно. Дружењето со најмладите, беше елан за нас организаторите и возрасните. Детската неуморност и желба за возење велосипед, игри и креативно творење беше долготрајно. Позитивните коментари, и впечаток на сите присутни е чувството со кое си заминавме, со искрена желба да се видиме набрзо, на повторно дружење.