Училишни улици во ООУ „Петар Поп Арсов“: кога улицата станува училница

Вело Училишта во соработка со ООУ „Петар Поп Арсов“ организираше успешен и инспиративен настан посветен на концептот на Училишни улици, кој уште еднаш ја истакна важноста на безбедната и одржлива мобилност за учениците и промоцијата на активни и микромобилни транспортни начини. Настанот се одржа пред училиштето на улица „Трифун Бузев“, која беше привремено трансформирана во Училишна улица, заедно со активности во училишниот двор

Наместо сообраќај и возила, просторот беше исполнет со велосипеди, игра, креативни активности и детска енергија. Целта беше едноставна, но важна-да се покаже како би изгледале побезбедни и похумани училишни зони кога приоритет се дава на учениците и активната мобилност.

Улица затворена за автомобили, отворена за деца

Улицата „Трифун Бузев“ беше симболично затворена за автомобили и претворена во простор за игра, учење и дружење. Оваа промена овозможи децата слободно да се движат, да истражуваат и да учествуваат во активности кои ја поврзуваат едукацијата со реалниот живот.

Активности што учат преку движење и игра

Во текот на денот, учениците учествуваа во различни интерактивни активности кои ја поттикнаа нивната креативност, моторика и сообраќајна култура.

Една од најинтересните активности беше бици-бус, каде учениците заедно со наставниците возеа велосипедски рути до училиште. Оваа активност покажа дека патот до училиште може да биде безбеден, активен и социјален момент во денот.

Во Вело дуел зоната, учениците ги тестираа своите велосипедски вештини, баланс и сигурност во контролирана и забавна средина. Преку игра, тие учеа за одговорно движење во сообраќајот и важноста на самодовербата при возење велосипед.

Паралелно, на креативните пунктови, децата преку LEGO коцки осмислуваа побезбедни рути до училиште, дискутирајќи како треба да изгледаат улиците околу нивното училиште за да бидат побезбедни и пофункционални.

Со боја и фантазија, учениците цртаа сообраќајни знаци и пораки, изразувајќи ја својата визија за улици безбедни за пешаци и велосипедисти. Овие активности ја нагласија важноста децата да бидат слушнати кога се работи за просторот во кој секојдневно живеат и учат.

Вело Буре паркинзи: од реупотреба до креативност

Посебно внимание привлече активноста со Вело Буре паркинзите, каде старите материјали добија нов живот. Учениците ги боеја и украсуваа велосипедските паркинзи, учејќи за реупотреба, одржливост и важноста на грижата за јавниот простор.

Преку тимска работа и креативност, тие покажаа дека и малите интервенции можат да направат значајна промена во изгледот и функцијата на училишната околина.

Велобус тура низ населбата

Во рамки на настанот, повеќе од 30 ученици учествуваа во велобус тура низ населбата заедно со наставници и едукатори. Оваа активност испрати силна порака дека патувањето до училиште може да биде безбедно, активно и заедничко искуство кое ги поврзува децата.

Едукација преку театар и сообраќајни пораки

Денот беше дополнително збогатен со театарската претстава „Застани, погледни, па помини“ од Театар Провокација, која на интерактивен и забавен начин ги научи учениците за правилно однесување на пешачки премин.

Покрај тоа, беше одржана и едукативна презентација за безбедност во сообраќајот од РСБСП, со фокус на одговорно учество во сообраќајот и важноста на внимателноста уште од најмала возраст.

Порака од денот

Овој Ден без автомобили покажа дека кога им се дава простор на децата, улиците се трансформираат во нешто многу повеќе од сообраќајна инфраструктура- стануваат места за учење, игра и заедништво.

Најважната порака од денот беше едноставна: побезбедни училишни улици значат побезбедно и посреќно детство.

Голема благодарност до ООУ „Петар Поп Арсов“ за поддршката и соработката, како и до партнерите Горска и Агна за придонесот во настанот. Посебна благодарност до учениците, наставниците, родителите и волонтерите кои го направија овој ден жив, динамичен и значаен.

Активноститес е дел од Еразмус+ проектот „School Streets: Enjoy Your Journey to School“ (референтен број: 2024-1-HU01-KA220-SCH-000245303), финансиран од Европската Унија.

Изразените ставови и мислења се ставови на авторот/авторите и не ги одразуваат нужно ставовите на Европската Унија или на Европската Извршна агенција за образование и култура (EACEA). Ниту Европската Унија ниту EACEA не можат да бидат одговорни за нив.

Автор Velo Schools

Од локални улици до европската велосипедска сцена

Нашиот претставник, Никола Нешковски, присуствуваше на два значајни настани организирани од Европската велосипедска федерација, каде што имавме можност да се поврземе со организации, институции и претставници од велосипедскиот сектор од цела Европа, но и да ги претставиме активностите и иницијативите што се реализираат во Македонија. Во рамки на посетата, учествувавме на работилница помеѓу претставници на […]

Прочитај повеќе

Месечен Вело билтен: Најновото од светот на велосипедизмот

Со задоволство го споделуваме нашиот најнов месечен Вело билтен – простор каде ги обединуваме најважните вести, трендови и инспиративни приказни од светот на велосипедизмот Овој билтен не е само преглед на информации. Тој е увид во тоа како велосипедизмот станува сè поважен дел од одржливата иднина – и глобално, и локално.

Прочитај повеќе