ЈАВЕН ПОВИК

За младински акции поврзани со мобилноста

Имаш идеја како да ја направиш мобилноста подобра, побезбедна и подостапна за младите во твојата заедница? Сакаш да преземеш иницијатива и да направиш конкретна промена која вклучува движење? Пешачење, возење велосипед, безбедност на патеки, повеќе места за движење на твоите врсници? Ова е можноста да ја претвориш твојата идеја во акција!

Во рамки на проектот RE:ENGAGE – Повторно активирање на NEET младите преку активна мобилност, Вело Училишта и Национален младински совет на Македонија (НМСМ) јавен повик за поддршка на младински акции иницирани и спроведени од неформални групи на млади.

Повикот е наменет за млади луѓе на возраст од 16 до 30 години кои припаѓаат на категоријата NEET (млади кои не се вклучени во образование, вработување или обука), а кои сакаат активно да придонесат кон решавање конкретни предизвици во својата заедница преку мобилноста.

1. Кој може да аплицира?

Право на учество имаат неформални групи составени од млади на возраст од 16 до 30 години кои припаѓаат на категоријата NEET.

Под неформална група се подразбира група млади луѓе кои се здружуваат околу заедничка идеја или иницијатива, без притоа да бидат регистрирани како здружение или друга формална организација.

2. Какви активности се поддржуваат?

Младинските акции треба да се однесуваат на мобилноста и да имаат за цел решавање конкретен проблем поврзан со движењето.

Примери за можни младински акции:

  • Иницијативи за подобрување на безбедноста на велосипедистите и пешаците во локалната заедница.
  • Акции за промовирање на велосипедизмот и пешачењето како одржливи начини на секојдневно движење.
  • Мапирање и документирање на небезбедни или недостапни места за пешаци и велосипедисти и предлагање конкретни решенија.
  • Кампањи за подигнување на јавната свест за придобивките од активната мобилност.
  • Организирање настани, работилници и активности преку кои мобилноста ќе се искористи како средство за поттикнување на младинското учество и вклучување во локалната заедница.

Наведените примери се илустративни. Добредојдени се и други креативни идеи кои се во согласност со целите на повикот.

3. Начин на аплицирање

За да аплицираат, заинтересираните неформални групи треба да ги пополнат следните документи:

  1. Формулар за апликација, во кој ќе ја претстават својата идеја, планираните активности и очекуваните резултати.
  2. Образец за буџет, во кој ќе ги наведат потребните финансиски средства за спроведување на предложената акција.

Пополнетите документи треба да се достават електронски на следните адреси:

  • sotir.ecologic@gmail.com
  • albina.sefadini@nms.org.mk

Краен рок за поднесување на апликациите: 20 ноември 2026 година.

4. Временска рамка за спроведување

Избраните младински акции треба да се реализираат во периодот по одобрувањето на апликациите, при што сите активности треба да бидат целосно завршени најдоцна до 31 декември 2026 година.

5. Буџет

Една младинска акција може да добие најмногу 30 000 денари за спроведување.

6. Одлучување и избор

Изборот на акции кои ќе се поддржат го прави комисија составена од претставници од двете организации носители на проектот. Бројот на прифатени апликации не е ограничен.

7. За проектот

Јавниот повик е дел од проектот RE:ENGAGE – повторно активирање на NEET младите преку активна мобилност, кој се спроведува во рамки на програмата Еразмус+ КА220 – Партнерства за соработка во областа на младите спроведувана од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, со референтен број 2025-2-MK01-KA220-YOU-000379250, кофинансиран од Европската Унија.

Проектот се спроведува во партнерство помеѓу:

  • Вело училишта – Северна Македонија;
  • Национален младински совет на Македонија (НМСМ) – Северна Македонија;
  • BIKE – Bündnis für klimaschonende Initiativen und Kooperationen in Europa – Австрија;
  • Здружение РЕ-АКТ – Бугарија.

Проектот има за цел да ги поттикне младите кои не се вклучени во образование, вработување или обука (NEET) да станат активни учесници во своите заедници преку активна мобилност, неформално образование и граѓанско учество.

Преку овој повик, младите добиваат можност да ги препознаат предизвиците во својата околина, да предложат конкретни решенија и да преземат иницијатива за нивно надминување.

Автор Ana Serafimova

Од Скопје до Грац: Градот низ очите на велосипедистите

Понекогаш, за да запознаеш еден град, доволно е да седнеш на велосипед и едноставно да тргнеш. Во рамки на проектот “SKOPJE–GRAZ: OUR CITY, OUR RIDE”, заедно со учениците од СУГС „Георги Димитров“ од Скопје, отпатувавме во Грац, Австрија, за да го истражиме градот од поинаква перспектива – онаа на велосипедистите. Возевме низ улиците, ги следевме […]

Прочитај повеќе

ЈАВЕН ПОВИК ЗА УЧЕСТВО НА КАМП ЗА МЛАДИ 

Проект: RE:ENGAGE – Реактивирање на NEET младите преку активна мобилност  Вело Училишта и Национален младински совет на Македонија (НМСМ) објавуваат Јавен повик за избор на 20 млади лица за учество на четиридневен камп за активна мобилност, кој ќе се одржи од 31 август до 3 септември 2026 година во Охрид.  За што станува збор?  RE:ENGAGE има за цел повторно да ги мотивира и вклучи младите кои […]

Прочитај повеќе