Со голема радост објавуваме дека Вело Училишта официјално се приклучи кон European Cyclists’ Federation (ECF) – водечката европска организација која го промовира велосипедизмот како за секојдневно движење, така и за рекреација. Ова е уште едно признание за нашата организација како и за целата заедница која ја поддржува безбедната, активна и одржлива мобилност.
European Cyclists’ Federation (ECF) е основана во 1983 година и претставува единствената европска покровителска организација која ги обединува националните и локалните иницијативи за велосипедизам. Со повеќе од 70 членки од над 40 земји, ECF го претставува гласот на велосипедистите на паневропско ниво и е најголемата и најпознатата организација за застапување на велосипедизмот во светот.
Нашата визија како дел од оваа силна европска заедница е да ја зголемиме и подобриме велосипедската култура во Македонија и пошитоко. Ова подразбира промовирање на основни вредности кои се темел на сите активности на ECF и кои се дел и од нашата мисија:
- Одржливост – велосипеди како еколошки и ефикасен начин на транспорт.
- Безбедност – создавање инфраструктура која ја штити секоја група велосипедисти.
- Разновидност и инклузија – поддршка за луѓе од сите возрасти, етнички групи и способности.
- Здравје и благосостојба – велосипедизмот како начин за подобрување на физичкото и менталното здравје.
- Рамноправност – овозможување еднакви можности за учество во велосипедизмот.
Што значи ова членство за Вело Училишта и за нашата работа во Македонија?
Придружувањето кон ECF означува дека нашата мрежа за велосипедска едукација станува дел од една силна европска заедница која промовира:
- Повеќе велосипедизам – целта на ECF е до 2030 година нивото на велосипедизам во Европа да се зголеми за најмалку 50%, особено во земјите и градовите каде велосипедизмот сè уште не е доволно застапен.
- Поголема безбедност – намалување на бројот на повредени и загинати велосипедисти за најмалку 50% во споредба со 2019 година, преку создавање на безбедна и удобна велосипедска инфраструктура.
- Силна политичка поддршка – велосипедизмот да стане приоритет на сите нивоа на донесување политики, како дел од одржливиот и здрав транспортен систем.
- Поголеми инвестиции – значително зголемување на јавните и европските средства за развој на инфраструктура и мерки кои овозможуваат повеќе луѓе да користат велосипед за секојдневни и рекреативни потреби.
Официјалното објавување на нашето членство ќе се одржи во април во Брисел. Ова членство претставува голем чекор кон нашата мисија – да го направиме велосипедизмот безбеден, забавен и достапен за секое дете, училиште и заедница во Македонија.
Со приклучувањето кон ECF, Вело Училишта ја зајакнува својата улога како локален и европски лидер во промоција на активен и одржлив начин на движење, инспирирајќи нови генерации велосипедисти да ја откријат слободата, радоста и придобивките од велосипедизмот.


