Велосипедот како клуч за поодржлива урбана иднина

Велосипедот е еден од енергетски најефикасните начини на транспорт.

Истражувањата покажуваат дека за еден километар поминат со велосипед се троши до 27 пати помалку енергија отколку со автомобил. И покрај ова, во секојдневието сè уште често се одлучуваме за автомобил, што значи повеќе трошоци, повеќе гужва и поголемо загадување.

Како дел од European Cyclists’ Federation, го поддржуваме „Cycling Manifesto“, кој претставува јасна визија и сет на мерки за поодржлив, побезбеден и поефикасен урбан транспорт. Овој документ не нуди апстрактни идеи, туку конкретни решенија кои можат да имаат непосредно влијание доколку се применат доследно.

Меѓу клучните мерки се развој на безбедна и континуирана велосипедска инфраструктура, вклучувајќи велосипедски патеки кои директно придонесуваат за намалување на бројот на сообраќајни несреќи и зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Дополнително, ограничувањето на брзината во урбаните средини создава побезбедни и попријатни градови за живеење.

Важен сегмент е и финансиската поддршка за набавка и одржување на велосипеди, која може значително да ги охрабри граѓаните да преминат кон одржливи начини на движење. Исто така, воведувањето денови без автомобили во градските јадра може да придонесе кон намалување на загадувањето и поттикнување на поинаква култура на движење.

Податоците покажуваат дека дури 26% од сите градски патувања се пократки од 5 километри. Тоа значи дека значителен дел од секојдневните обврски може да се изврши со велосипед, без потреба од автомобил.

Промената кон поодржлива мобилност не започнува само со политики, туку со индивидуални избори. Секое патување е можност да се одлучи поинаку – поодржливо, поздраво и поекономично.

Прочитајте повеќе-Cycling Manifesto-https://www.ecf.com/…/cycling-manifesto-energy…/

Автор Velo Schools