Вчера во ООУ „Петар Поп Арсов“ во Скопје се одржа првиот ден од состанокот на проектните партнери во рамки на Еразмус+ проектот „School Streets – Enjoy your journey to school“. На средбата учествуваа партнери од проектот, како и претставници од општините и основните училишта кои активно работат на унапредување на безбедноста околу училиштата.
Денот започна со преглед на досегашниот напредок на проектот, при што беа презентирани реализираните активности од страна на партнерските организации, како и плановите и следните чекори предвидени за пролет 2026 година.
Во текот на дискусиите, локалните партнери – училиштата и општините – ги споделија своите искуства од досегашната имплементација на активностите. Посебен акцент беше ставен на позитивните резултати, но и на предизвиците со кои се соочуваат при воспоставувањето на концептот на училишни улици (School Streets). Овие искуства придонесоа за плодна размена на идеи и практични решенија.
Дополнително, беше направен преглед на насоките и препораките за основните училишта и општините за успешна имплементација на училишни улици. Овие мерки имаат за цел да придонесат кон подобрување на безбедноста, намалување на сообраќајот и создавање побезбедна и попријатна средина за учениците околу училиштата.
Изразуваме голема благодарност до ООУ „Петар Поп Арсов“ за гостопримството и поддршката при организацијата на оваа средба во Скопје. Соработката и ангажманот на училиштето, како и на локалните партнери, значително придонесоа за успешна реализација на активностите и за конструктивна дискусија насочена кон подобрување на безбедноста околу училиштата.
Со нетрпение ги очекуваме следните активности и продолжувањето на соработката во насока на создавање побезбедни, поодржливи и попријатни училишни улици за децата.














