Првиот ден од нашиот проектен состанок за Училишни улици во Антверпен беше посветен на дискусијата за насоките за училиштата и општините во организацијата на училишните улици. Во соработка со партнери од различни земји, разговаравме за предизвиците и можностите што ги носи создавањето на безбедни и пријатни училиштни зони за учениците.
Од Македонија, ни се придружија претставници од Општина Карпош и ООУ „Св. Климент Охридски“ од Драчево, кои активно учествуваа во дебатата и споделија важни искуства од локалните заедници. Целта на дискусијата беше да се разменат идеи за најдобрите практики и стратегии кои ќе им помогнат на општините и училиштата да ги подобрат зоните околу училиштата, намалувајќи го сообраќајниот метеж и загадувањето, и зголемувајќи ја безбедноста на децата.
По продуктивната дебата, ја посетивме една од училишните улици во Антверпен и имавме можност да видиме како ова решение функционира во пракса. Намалување на сообраќајниот метеж, подобрување на безбедноста на децата и создавање на поголеми зелени простори во училиштата се главните цели на проектот.
Работиме на развивање на јасни и ефективни насоки кои ќе помогнат во создавањето на побезбедни, поздрава и попријатни училишни зони во Македонија и другите учеснички земји.


